
Кирил Буданов е новиот шеф на кабинет на Зеленски
„На Украина сега ѝ е потребен посилен фокус на безбедносните прашања, развојот на одбранбените и безбедносните сили на Украина, како и дипломатски пат во преговорите, а Канцеларијата на претседателот првенствено ќе служи за исполнување на овие задачи“, рече Зеленски.
Кирил Буданов, шефот на украинската воена разузнавачка служба, е нов шеф на кабинетот на претседателот на Украина Володимир Зеленски, соопшти самиот претседател на Украина.
„На Украина сега ѝ е потребен посилен фокус на безбедносните прашања, развојот на одбранбените и безбедносните сили на Украина, како и дипломатски пат во преговорите, а Канцеларијата на претседателот првенствено ќе служи за исполнување на овие задачи“, рече Зеленски.
Овој потег следува по големата кадровска реконструкција кон крајот на ноември, кога беше отпуштен Андриј Јермак, долгогодишен шеф на претседателскиот кабинет и еден од најблиските соработници на Зеленски. Отпуштањето дојде во време кога Украина беше потресена од најголемиот корупциски скандал од почетокот на руската инвазија.
Кирил Буданов, 39-годишен генерал-полковник, е на чело на Главната дирекција за разузнавање (ГУР) од 2020 година. Под негово водство, ГУР се разви во една од клучните и најефикасните институции на украинскиот безбедносен апарат за време на руската инвазија.
Во меѓувреме, Буданов стана едно од најпрепознатливите имиња во Украина, а неговата канцеларија ужива репутација на една од најкомпетентните државни институции.