
Кипар испрати 1.200 тони хуманитарна помош за Газа
По морски пат, со брод, од кипарското пристаниште во Лимасол за Газа синоќа беше испратена хуманитарна помош од 1.200 тони, од кои 700 тони се од Република Кипар, а останатите од Малта и меѓународни хуманитарни организации, јави дописничката на МИА од Атина.
По морски пат, со брод, од кипарското пристаниште во Лимасол за Газа синоќа беше испратена хуманитарна помош од 1.200 тони, од кои 700 тони се од Република Кипар, а останатите од Малта и меѓународни хуманитарни организации, јави дописничката на МИА од Атина.
Помошта е во рамките на кипарската иницијатива „Амалтиа“ за поморски хуманитарен коридор за справување со хуманитарната криза во Газа.
Од Министерството за надворешни работи на Кипар соопштија дека испраќањето хуманитарна помош е под покровителство на механизмот за испорака на Обединетите нации, а пратката ќе стигне со меѓународната хуманитарна организација World Central Kitchen, кои дополнително ќе ја дистрибуираат.
Пратката со хуманитарната помош планирано е да транзитира преку израелското пристаниште Ашдод, без дополнителни безбедносни проверки на местото на пристигнување.
– Помошта, што вклучува прехранбени производи, особено за исхрана на деца, потекнува од Кипар (700 тони) преку организацијата „CyprusAid“ на Министерството за надворешни работи, додека 500 тони се донација од Владата на Малта, како и од меѓународни хуманитарни организации со седиште во САД, Италија, Малта и Кувајт. Во целокупниот напор, клучна е поддршката на Владата на Обединетите Арапски Емирати, соопштија од кипарското МНР.
Дополнително им се заблагодарија на сите држави и инволвирани страни кои учествуваат во овој заеднички потфат, „што се реализира со целосно почитување на меѓународното хуманитарно право“.
Паралелно го повторија ставот на Владата дека за итната потреба од „зголемен, безбеден, непречен и масовен проток на хуманитарна помош за цивилното население во Газа“.
– Се нагласува дека кипарската инфраструктура за собирање, безбедна контрола и испраќање на помош стои на располагање на меѓународната заедница како дополнителен хуманитарен коридор. Во овој контекст, Кипар ќе продолжи конструктивно да придонесува како земја од регионот и најблиска членка на Европската Унија преку унапредување и спроведување на иницијативи од хуманитарен карактер, посочија од Министерството за надворешни работи на Кипар.
Кипарската иницијатива „Амалтиа“ за поморски хуманитарен коридор за Газа беше воведена на средината на март минатата година со испраќање бродови со помош од Кипар за Газа.