Кинеска компанија ќе бара итно објаснување од Албанија по одлуката за затворање на ТикТок

Кинеската интернет компанија БајтДенс, во чија сопственост е ТикТок ќе побара „итно појаснување од албанската влада“ во врска со одлуката за затворање на платформата на една година во Албанија, објавија албанските медиуми.

Кинеската интернет компанија БајтДенс, во чија сопственост е ТикТок ќе побара „итно појаснување од албанската влада“ во врска со одлуката за затворање на платформата на една година во Албанија, објавија албанските медиуми.

Кинеската компанија наведува дека не нашла докази дека сторителот или жртвата на тепачката пред училиштето „Фан Ноли“ во Тирана, имал сметки на оваа платформата и дека бројните извештаи потврдиле дека видеата кои довеле до оваа трагедија биле објавени на друга платформа.

Според одлуката што ја објави вчера премиерот Еди Рама, во 2025 година платформата ТикТок нема да биде достапна на територијата на Албанија на која било возраст, како дел од планот за зголемување на безбедноста во училиштата.

-Одлуката е донесена по едномесечните консултации меѓу претставниците на образованието и родителите, по убиството со нож на 14-годишниот Мартин Цани, ученик во училиштето „Фан Ноли“, за време на конфликт со друг ученик од истото училиште, што се случи на 18 ноември 2024 година. На одлука и претходеа 1.300 средби на кои  присуствуваа 65 илјади родители. Во Република Албанија повеќе нема да има ТикТок, рече Рама.

На средбите Платформата е обвинета за поттикнување насилство и малтретирање, особено меѓу децата а албанските експерти оценуваат дека токму децата ја сочинуваат најголемата група корисници на ТикТок во земјата.

Албанија е прва земја во регионот која го блокира ТикТок.