
Пекинг почна воена вежба од големи размери околу островот Тајван, јави денеска државната новинска агенција Синхуа, повикувајќи се на кинеската војска.
Под кодното име „Мисија Правда 2025“ (Justice Mission 2025), вежбите се спроведуваат во морските зони и воздушниот простор околу Тајван. Ова се првите големи кинески воени вежби во близина на Тајван од април минатата година.
Според државните медиуми, фокусот е ставен на патроли за борбена подготвеност, постигнување сеопфатна супериорност и блокирање на клучните пристаништа и области.
Воениот портпарол, Ши Ји, ги опиша вежбите како предупредување до сепаратистичките сили за „независност на Тајван“ и до надворешното мешање, пренесе Синхуа. Ши изјави дека вежбите се легитимна и неопходна мерка за заштита на кинескиот суверенитет и националното единство.
Во посебна изјава, Народноослободителната војска на Кина најави и дека ќе одржи вежби со боево гаѓање во пет одредени зони околу Тајван почнувајќи од вторник, советувајќи ги бродовите и авионите кои не се вклучени во вежбите да ги избегнуваат тие области.
Објавата следува по обновените тензии со САД, откако Вашингтон најави рекорден пакет вооружување за Тајван во вредност од 11,1 милијарди долари.
Кинеските сили спроведуваат вежби со воени бродови и авиони во регионот речиси секојдневно. Пекинг ја смета оваа островска држава за дел од својата територија и се стреми да го стави Тајван под своја контрола – ако е потребно, и со воени средства, потсети ДПА.