Кина отстрани 1,4 милиони објави од Интернет
Кинескиот регулатор за сајбер-простор објави дека избришал 1,4 милиони објави на социјалните мрежи по двомесечна истрага, меѓу другото, за ширење дезинформации, незаконска заработка и имитирање на владини функционери.
Кинеската агенција за сајбер простор (CAC) во петокот соопшти дека во периодот од 10 март до 22 мај затворила 67.000 кориснички сметки и избришала стотици илјади објави на социјалните мрежи како дел од пошироката кампања за „корекција“.
Кина прегледува милијарди кориснички сметки од 2021 година за да го исчисти сајбер просторот и да им олесни на властите да го контролираат, пишува Ројтерс.
Во последната кампања, беа прегледани сметки на популарни кинески социјални апликации како што се WeChat, Douyin и Weibo.
Пекинг често апси граѓани и цензурира сметки за споделување информации кои се сметаат за чувствителни или критични за Комунистичката партија, владата или војската.
Од вкупно 67.000 затворени сметки, 8.000 од нив се затворени поради „ширење лажни вести, гласини и штетни информации“, соопшти ЦАЦ.
Околу 930.000 други сметки беа казнети поблаго – од отстранување на сите следбеници до суспензија на нивната заработка.
Во посебна кампања, CAC неодамна затвори над 100.000 сметки кои наводно погрешно се претставувале како медиумски куќи.
Во петокот агенцијата објави дека отстранила и речиси 13.000 лажни воени сметки со имиња како „Команда на Црвената армија“ или „Кинески контратерористички сили“.