Кина го спречи Путин да употреби нуклеарно оружје против Украина, вели Блинкен
САД беа сериозно загрижени поради заканите на Владимир Путин за употреба на нуклеарно оружје во војната против Украина. Ова го изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен во интервју за „Фајненшел тајмс“.
Соединетите Американски Држави беа сериозно загрижени поради заканите на Владимир Путин за употреба на нуклеарно оружје во војната против Украина. Ова го изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен во интервју за „Фајненшел тајмс“.
Според него, американската администрација верувала дека Путин навистина може да дозволи таква можност.
„Дури и да се зголеми веројатноста од 5 на 15 проценти, кога станува збор за нуклеарно оружје, тоа е многу сериозно“, нагласи Блинкен.
Едно од ретките прашања каде што Кина веројатно им помогнала на Соединетите држави е спречувањето на Русија да користи нуклеарно оружје, истакна шефот на Стејт департментот. Вашингтон „има причина да верува“ дека кинеските власти контактирале со руското раководство и ја предупредиле Москва на такви чекори, објасни тој. Според Блинкен, тоа можело да се случи откако САД споделија информации со Кина за плановите на Русија да распореди нуклеарно оружје во вселената.
Во разговорот за весникот, Антони Блинкен рече и дека Владимир Путин претрпел „стратешки пораз“ во војната со Украина. НАТО денес има повеќе ресурси од кога било досега, истакна државниот секретар. Покрај тоа, тој потсети дека сојузниците на САД и дадоа на Украина помош од 150 милијарди долари, покрај 100-те милијарди долари доделени од самиот Вашингтон.
Од почетокот на руската целосна инвазија на Украина, Кремљ постојано се закануваше дека ќе користи нуклеарно оружје. Минатата пролет, Си-Ен-Ен објави дека руските власти разговарале за нуклеарен напад врз Украина кон крајот на 2022 година. Според изворите на телевизијата, откако западните разузнавачки агенции добиле информации за таквите намери, САД контактирале со сојузниците, ја предупредиле Русија и побарале поддршка од Кина и Индија да ја одвратат Москва од спроведување на таквите планови.
Во ноември 2024 година, Владимир Путин потпиша ажурирана нуклеарна доктрина на Русија. Во документот се наведува дека основите за започнување нуклеарен напад може да бидат: агресија врз Русија; агресија врз нејзините сојузници од ненуклеарна држава, доколку е поддржана од нуклеарна сила.