Кина во фокусот на Г7 денеска, папата се приклучува на состанокот за вештачката интелигенција

Самитот на Г7 продолжува денеска во италијанското одморалиште Борго Игнација, а се очекува фокусот да биде ставен на Кина. На самитот денеска ќе учествува и папата Франциско, што ќе биде првпат во историјата поглаварот на Римокатоличката црква да присуствува на работниот состанок на Г7. Папата Франциск ќе учествува на состанок за вештачка интелигенција (АИ), објави Ројтерс.

Покрај говорот за вештачката интелигенција, папата ќе има и неколку билатерални средби, вклучително и средби со претседателите на САД, Украина и Турција.

„Ова е историски ден… Папата е првпат на Г7. Горд сум што тоа ќе се случи под италијанското претседателство“, изјави вчера италијанскиот премиер Џорџа Мелони.

Лидерите на Г7 ќе разговараат и за имиграцијата, клучно прашање за Мелони, која се обидува да ја запре илегалната миграција од Африка и започна план за развој на континентот за да се справи со основната причина за егзодусот, според Ројтерс.

Агенцијата додава дека се очекува лидерите да изразат загриженост поради вишокот индустриски капацитет на Кина и нејзината поддршка за Русија. ЕУ во вторникот соопшти дека од јули ќе воведе дополнителни царини до 38,1 отсто за увезените кинески електрични автомобили, додека Пекинг најави дека ќе преземе мерки за заштита на своите интереси.

Самитот на Г7 почна вчера, а на првиот ден беше постигнат договор за предлогот на САД земјите-членки да поддржат заем од 50 милијарди долари за Украина со користење на замрзнати руски средства. Германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјавија дека заемот е сигнал до рускиот претседател Владимир Путин дека не треба да очекува Москва да победи во конфликтот во Украина.

Претседателите на САД и Украина, Џозеф Бајден и Володимир Зеленски, потпишаа десетгодишен безбедносен договор меѓу САД и Украина, а Зеленски потпиша и билатерален договор со премиерот на Јапонија, Фумио Кишида, за соработка меѓу Киев и Токио.