Ким Џонг Ун, лидерот на Северна Кореја, најави дека неговата земја ќе го зголеми својот нуклеарен арсенал, објави официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА.
Како што јави германската агенција ДПА, Ким Џонг Ун за време на говорот во понеделникот по повод годишнината од основањето на државите, рекол дека „нуклеарниот капацитет на Северна Кореја треба експоненцијално да се зголемува“.
„Сега совршено ја спроведуваме политиката на градење нуклеарни вооружени сили за да го зголемиме бројот на нуклеарно оружје со геометриска прогресија“, рече Ким Џонг Ун.
Тој, исто така, ги обвини непријателските сили дека сакаат да ја нападнат Северна Кореја со нуклеарно оружје, без да прецизира на кои земји се однесува или да обезбеди докази за обвинувањата.
Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), Северна Кореја моментално поседува околу 50 нуклеарни боеви глави, иако точниот број не е познат. Изолираната Северна Кореја е под меѓународни санкции поради нејзиното нуклеарно оружје и ракетна програма.
Последната позната нуклеарна проба беше извршена во 2017 година. Тензиите се зголемија на Корејскиот полуостров откако Пјонгјанг значително ги прошири ракетните тестови во текот на изминатите две години додека ја заостри својата реторика против САД и Јужна Кореја. Ја интензивираше и воената соработка со Русија.
North Korean leader Kim Jong Un said the country is now implementing a nuclear force construction policy to increase the number of nuclear weapons ‘exponentially,’ state media KCNA reported https://t.co/Da1pwU2Ket
— Reuters (@Reuters) September 10, 2024