КИЕЛ Македонија почна со работа во втора фабрика во Тетово
Компанијата КИЕЛ Македонија со пригодна свеченост го одбележи започнувањето со работа на новиот втор производствен погон во Технолошко-индустриско развојната зона Тетово. Станува збор за фабрика со 7500 квадратни метри, втора по ред на КИЕЛ Македонија по првиот погон изграден во 2017 година во непосредна близина кај месноста Еребино близу тетовско Желино.
– Компанијата стартуваше со 40 вработени, моментално сме 180, а треба да достигне целта до 300 работници во двата објекта, кои произведуваат седишта за возови и автобуси, изјави извршниот директор Владимир Стефановски.
На свеченоста се обрати и мандатарот за состав на нова влада, Христијан Мицкоски, кој рече дека задоволството е големо што има можност да присуствувам на стартот нова и надоградена приказна изразена во новата инвестиција на компанијата КИЕЛ.
– Во едни вакви тешки времиња би рекол дека не само што е мудра, туку и навистина смела одлука да се инвестира во државата. И во таа смисла јас како човек кој за скоро очекувам да ја добијам парламентарната поддршка за водење на идната влада имам изразена намера да придонесам и активно поддржам секаков процес кој ќе значи нови работни места, повеќе пари во македонската економија, успешни бизнис приказни кои ќе ја потврдат мојата искрена намера преку инвестиции, преку развој и технолошки прогрес да ја враќаме државата на народот, контролата во негови раце и да создаваме среќна иднина за сите. Новата влада ќе биде партнер на стопанствениците. Една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит. На тој начин ќе се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата. Ќе има кратење на административните процедури и отстранување на бариерите кои го попречуваат бизнисот, порача Мицкоски.
Мицкоски, во изјава за медиуми, пак, најави инвестиција од 450 милиони евра.
-Вториот работен ден на новата влада ќе биде одбележан со оваа инвестиција која има вредност од околу 450 милиони евра, нешто што се нема случено кај нас, не само во полето на енергетиката туку генерално во бизнисот една огромна голема странска инвестиција која ќе произведува 20 отсто проценти од вкупното производство на електрична енергија и тоа ќе биде таа енергија обновлива со што правиме чекор кон комплетна енергетска независност, истакна тој.
Според него, на тој начин за неколку месеци државава ќе биде бие енергетски независна.
-Убеден дека за неколку месеци од денеска ќе може да прогласиме дека Македонија ќе биде енергетски независна, ќе произведуваме онолку колку што ќе трошиме, а граѓаните нема да бидат загрижени за својот стандард и паричник заради големата инфлација поради високите сметки за електрична енергија туку таа електрична енергија која ќе ја трошиме истата и ќе ја произведуваме, нема да ја увезуваме со што ќе се намали разликата на нашата трговска сметка, а истовремено ќе се зголеми БДП, а со зголемување на БДП повторно ќе се вратиме на она место каде припаѓавме а тоа е во врвот во Европа според раст на БДП, а не сега на дното како изминативе 6-7 години, рече Мицкоски.
На свеченоста се обратија и Антје Ванделт, директор на АХК, Германска Стопанска Комора во Северна Македонија, Аки Етеми, претседател на управниот одбор на инвестициската групација НОРМАК, Јирген Мил, извршен директор на КИЕЛ Груп, како и Кристијан Шрандт, генерален директор, КИЕЛ Македонија.