Украинските сили тврдат дека успешно погодиле ракетен систем С-300 на руска територија користејќи оружје доставено од западните сојузници, пренесува Си-ен-ен.
Информацијата ја објави украинската вицепремиерка и министерка за реинтеграција на привремено окупираните територии на Украина, Ирина Верешчук. Во објавата на нејзиниот фејсбук-профил таа сподели и фотографија за која се тврди дека го покажува погодениот ракетен систем обвиткан во пламен.
„Прекрасно гори. Тоа е руски С-300. На руска територија. Првите денови по дозволата да се користи западно оружје на непријателска територија“ – пишува Верешчук.
Ваквите тврдења од Киев доаѓаа само неколку дена откако американскиот претседател Џо Бајден ѝ даде дозвола на Украина да врши ограничени напади на руска територија користејќи американско оружје. Речиси истовремено и неколку европски држави ги укинаа ограничувањата во врска со користењето на оружјето испорачано од нивна страна на Украина дозволувајќи тоа да се користи за гаѓање цели внатре на територијата на Русија.
Засега нема информации и останува нејасно дали оружјето употребено во нападот за кој зборува украинската министерка е испорачано од Соединетите Американски Држави, наведува Си-ен-ен.
Како што потсетува американската телевизија, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја пофали одлуката на Бајден да дозволи одредени напади на руска територија да бидат извршени со американско оружје оценувајќи ја како чекор напред во напорите на Киев да го одбранат регионот Харков, кој од минатиот месец е цел на жестока руска офанзива.
Сепак, дел од аналитичарите, како што пишува Си-ен-ен, се сомневаат дека „зеленото светло“ од западните сојузници значително ќе ја зголеми способноста на Украина во одбивањето на руската офанзива.
Воените аналитичари ги ублажија очекувањата, делумно затоа што САД не ѝ дозволуваат на Украина да ги користи ракетите со долг дострел на руска територија, познати како АТАЦМС, кои можат да погодат цели на оддалеченост од 300 километри.
Во моментов Украина може да користи само ракети со помал дострел од околу 70 километри.
Иако давањето дозвола на Украина за користење на западно оружје на руска територија се толкува како ново поглавје во војната, Русија веќе се соочи со украински напади на територијата за која Москва тврди дека е нејзин составен дел.
Украина, како што наведува Си-ен-ен, често го гаѓаше окупираниот Крим, кој Русија го анектира во 2014 година користејќи ракети „Сторм шадоу’ (Storm Shadow) обезбедени од Велика Британија.
Киев, исто така, кон крајот на 2022 започна напади врз регионите Харков и Херсон обидувајќи се да ги ослободи овие региони кои Русија ги окупира во првите недели од војната.