
Киев: Руски дронови го нападнаа Харков
Најмалку 17 лица се повредени во напад што Русите го извршиле ноќеска врз источниот украински град Харков, соопштија утрово локалните власти.
Најмалку 17 лица се повредени во напад што Русите го извршиле ноќеска врз источниот украински град Харков, соопштија утрово локалните власти.
Меѓу повредените има најмалку две деца и една бремена жена, напиша воениот гувернер Олех Синехубов на Телеграм.
Како што пренесе ДПА, руските дронови оштетиле високи згради, искршиле прозорци и оштетиле станови, напиша Синехубов.
– Уште една тешка и непроспиена ноќ за жителите на Харков, додаде тој.
Во меѓувреме, руските власти кои го окупираат јужниот дел на Украина пријавија масовен прекин на електричната енергија по бран украински напади со дронови.
Седум окрузи во регионот Херсон доцна синоќа беа без струја, соопшти на Телеграм гувернерот на регионот назначен од Москва, Владимир Салдо. Според него, 120.000 луѓе биле без струја.
Украина се брани од руска инвазија повеќе од три години. Разговорите за ставање крај на борбите дадоа многу ограничени резултати, а завојуваните страни се сè уште далеку во нивните барања.