![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2023/04/5481560_2023-04-04t150224z-1898388251-rc2q70apt0bn-rtrmadp-3-ukraine-crisis-nato_ls-750x430.jpg)
Украина вчера ја спореди Русија со Исламската држава и го повика Меѓународниот кривичен суд да спроведе истрага откако на интернет се појави видео на кое се гледа како руски војници се снимаат како обезглавуваат украински затвореник со нож.
Ројтерс не можеше да ја утврди автентичноста или потеклото на видеото објавено на социјалните мрежи, на кое се гледа како маж во униформа обезглавува човек кој носи жолта лента за раце што ја користат украинските војници.
Кремљ го опиша видеото како „страшно“, но рече дека треба да се провери автентичноста. Москва претходно негираше дека нејзините војници извршиле злосторства за време на конфликтот.
„Има нешто што никој во светот не може да го игнорира: колку лесно убиваат овие ѕверови“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање.
„За се ќе има правна одговорност. Поразот на теророт е неопходен“.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба објави на Твитер: „На интернет кружи страшна снимка од руски војници како ја откорнуваат главата на украински затвореник. Апсурдно е Русија, која е полоша од ИСИЛ, да претседава со Советот за безбедност на ОН“, изјави Кулеба и додаде: „Руските терористи мора да бидат протерани од Украина и ОН и да сносат одговорност за нивните злосторства“.
Екстремистите од Исламската држава во Ирак и Сирија беа познати по објавувањето на снимки од обезглавувања на заробеници додека контролираа големи делови од територијата во тие земји од 2014 до 2017 година.
Во Москва, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите: „Пред сè, во светот на фалсификатите во кој живееме, треба да ја провериме автентичноста на тоа видео“.
„Тогаш тоа може да биде вовед во проверката дали е вистина или не, дали навистина се случило и ако е така, каде и кој е сторителот“, рече Песков.
Украинското Министерство за надворешни работи го повика Меѓународниот кривичен суд „веднаш да истражи уште едно злосторство на руската армија“.
Заменик-министерот за одбрана Хана Малијар им порача на корисниците на Интернет да не го именуваат јавно војникот додека официјално не се утврди неговиот идентитет. Таа ги повика корисниците да престанат да го споделуваат видеото на интернет. „Не заборавајте, непријателот сака да не исплаши. Тој сака да не направи послаби“, рече таа.
Во Женева, набљудувачката мисија на ОН за човекови права во Украина соопшти дека е шокирана од „особено суровите“ снимки објавени на социјалните мрежи. Покрај наводната егзекуција, на второто видео се гледаат и осакатените тела на наводно украински воени затвореници, се вели во соопштението.
„За жал, ова не е изолиран инцидент“, се вели во соопштението.