Кехаја: Договорот од Преспа предвидува дека името на државата е неотповикливо

Договорот предвидува дека името на државата е неотповикливо. Од моментот кога уставното име е „Северна Македонија“, што и да кажува госпоѓа Сиљановска дека нејзината земја се вика „Македонија“, нема ништо да постигне во НАТО, во кое влезе како „Северна Македонија“ и нема ништо да постигне на патот за интеграција во ЕУ, истакна портпаролката на СИРИЗА Вула Кехаја во интервјуто за грчкото радио „Talk Radio 989“, јави дописничката на МИА од Атина.

За трите меморандуми кои опозициската партија повторно ги донесе во Парламентот, Кехаја посочи дека ако беа ратификувани, „ќе беше зацврстена преговарачката позиција на Грција во однос на пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ“.

-Еден од протоколите, што се однесува на нејзините односи со ЕУ, ќе ни дадеше можност да им извршиме многу поголем притисок и да влијаеме врз нив, рече портпаролката на СИРИЗА.

Кехаја посочи дека Нова демократија, иако вели дека станува збор за „лош договор“ сепак, во суштина го поддржува, но никогаш нема јавно да го каже тоа.

– Ако сака, Нова демократија може да се повика на член 19, кој вели дека ако едната страна – или дури и двете страни – да не го почитуваат, може да се обратат до Обединетите нации, да бараат посредство од генералниот секретар на ОН и да имаат решавање. Владата не сака да го стори тоа, бидејќи го поддржува и го поздравува Договорот, истакна Кехаја.