
Кетлин ван Бремпт за ЕНР/МИА: ЕУ мора да докаже дека е подготвена за проширување
Проширувањето е добро за Европската Унија, исто како што е добро и за земјите опфатени со пристапниот процес, бидејќи ќе создаде поголем просперитет, поголемо единство, а, да се надеваме, и повеќе демократија, изјави белгиската европратеничка Кетлин ван Бремпт во изјава за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА
Проширувањето е добро за Европската Унија, исто како што е добро и за земјите опфатени со пристапниот процес, бидејќи ќе создаде поголем просперитет, поголемо единство, а, да се надеваме, и повеќе демократија, изјави белгиската европратеничка Кетлин ван Бремпт во изјава за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.
– Значи време е да постигнеме резултати, а тоа значи дека мораме да им докажеме на (земјите од) Западниот Балкан и на другите држави опфатени со пристапниот процес дека сме подготвени за проширување, вели Ван Бремпт, која е потпретседател на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и која главно работи на прашања поврзани со трговијата и проширувањето на ЕУ.
Но, според неа, пред земјите кандидати за членство да пристапат во Унијата ќе мора да спроведат повеќе реформи.
– Сакаме гаранции, дека социјалните, еколошките и економските реформи се завршени, а уште поважно дека навистина се загарантирани владеењето на правото и демократски вредности на кои се базира Европската Унија, додаде Ван Бремпт.
Таа оцени дека на Балканот преовладува „идентитет на исклучивост“, кој поаѓа од ставот дека сите други грешат, а само ние сме во право.
– Нема ништо лошо во идентитетот и јазикот, но во моментот кога тој идентитет станува нешто што ги исклучува другите и им се спротивставува, тогаш станува закана за самата демократија и за мирот. Се надевам дека новата и младите генерации, на пример во Србија, во Северна Македонија, но и во Грузија, ќе одат против тоа и ќе работат на изградба на вистински европски идентитет, истакнува Ван Бремпт
Тој европски идентитет, според неа, е инклузивен затоа што вклучува многу јазици и различни култури, но во исто време се базира и на заеднички вредности, како демократијата, владеењето на правото, почитувањето едни кон други и еднаквоста меѓу граѓаните.
– Сите овие работи припаѓаат на европскиот идентитет, вели Ван Бремпт, додавајќи дека како некој што доаѓа од Антверпен, таа лично се идентификува како граѓанин на тој фламански град, но во исто време и како Европејка.
Ван Бремпт оценува и дека во некои од земјите кандидати за членство во ЕУ, како Србија, Грузија и Молдавија, но и во членки на Унијата, како Романија, видлива е анти-ЕУ реториката, па затоа е важно луѓето да знаат дека агендата на рускиот претседател Владимир Путин и режимот во Москва е кристално јасна и е против Европската Унија.
– Тие се плашат од силна Унија каде што луѓето и земјите се здружени заедно со истата цел – слободна и просперитетна Европа, која се базира на заеднички вредности. Тоа е вистинска закана за Русија и затоа тие ги поткопуваат демократијата и проевропските чувства и во Србија и во Грузија, но и во рамките на Европската Унија, додава Вам Бремпт.
Белгиската европратеничка смета и дека изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при неодамнешната посета на Белград дека Србија постигнала напредок, претставува погрешна порака.
– Можеби тука и таму имало некоја нова иницијатива или нов законски предлог, но мора да се види што се случува на терен во Србија, смета Ван Бремпт.
Таа оценува дека актуелните протести во Србија, кои на почетокот беа поврзани со инцидентот во Нови Сад и барања за поголема транспарентност и борба против корупцијата, прераснале во сеопштествен протест за демократија.
– Мислам дека иднината на Србија е во Европската Унија. Но, тоа треба да биде демократска Србија базирана на сето она што ја карактеризира демократијата – владеење на правото, независно судство, слобода на говор и ослободување од притисоци, заклучи Ван Бремпт.