
Кедев предупредува: Реалниот број на неправилности во кардиологијата е многу поголем
„Ова е само врвот на сантата мраз“, вели Кедев во интервју за „360 степени“. Тој потсетува дека уште во август годинава јавно предупреди за постоење на ваква пракса, по што беше формирана 15-члена комисија која на 14 ноември го објави прелиминарниот извештај.
Првичните наоди на интерната комисија на Министерството за здравство, според кои во 10 од 25 анализирани случаи биле констатирани непотребни операции на срце или неоправдани упатувања на интервенции, го отворија едно од најсериозните прашања во здравствениот систем. Интервентниот кардиолог и член на МАНУ, проф. д-р Сашко Кедев, предупредува дека станува збор за многу поширок проблем.
„Ова е само врвот на сантата мраз“, вели Кедев во интервју за „360 степени“. Тој потсетува дека уште во август годинава јавно предупреди за постоење на ваква пракса, по што беше формирана 15-члена комисија која на 14 ноември го објави прелиминарниот извештај.
Според него, процесот мора да има јасна завршница:
„Ако нема разврска, ќе се отворат уште поголеми сомнежи во јавноста. Министерството за здравство го води процесот, но одговорност има и Фондот за здравствено осигурување, кој ги плаќа овие интервенции. Треба да се повлече линија и оваа практика да престане.“
Кедев додава дека и по јавните обелоденувања, до него и понатаму доаѓаат пациенти барајќи второ или трето мислење поради несоодветни препораки. „Не мора да биде за операција. Станува збор и за непотребни ‘превентивни’ прегледи кои немаат место во стандардните медицински алгоритми.“
На новинарско прашање дали докторите кои се поврзуваат со овие случаи и понатаму работат, Кедев одговара:
„Колку што знам – да. Не сум дел од комисијата, но индиректно сум инволвиран, затоа што голем дел од мојата работа е да ги одвраќам пациентите од непотребни снимања, минорни, па дури и мајорни интервенции.“
Тој изрази став и дека мора да има санкции таму каде што ќе се утврди прекршување на медицинските и етичките стандарди.
„Дефинитивно, ако е направено нешто спротивно на принципите на медицина базирана на докази, мора да има разврска.“
Кедев нагласува дека станува збор за проблем кој постои со години, но дека сега, под притисок на јавноста, конечно започнува процес на расчистување:
„Овие бројки се минимални во однос на потенцијалните неправилности. Веројатно се вклучени повеќе субјекти – не само приватни, туку и јавни здравствени институции.“
Во интервјуто за МРТ 1, тој беше запрашан и дали, по завршување на работата на комисијата, јавноста треба да ги дознае имињата на болниците и докторите инволвирани во случаите – прашање за кое Кедев оцени дека е клучно за довербата во системот, но одлуката останува на институциите.