
Каја Шукова: Концепт „Скопје без хартија“ – дигитален град што им служи на граѓаните
Концептот „Скопје без хартија“ значи дигитален град во кој секој админстративен процес е достапен и видлив, истакна кандидатот за градоначалник на Скопје Каја Шукова, предложена од СДСМ и коалицијата.
Концептот „Скопје без хартија“ значи дигитален град во кој секој административен процес е достапен и видлив, истакна кандидатот за градоначалник на Скопје Каја Шукова, предложена од СДСМ и коалицијата.
Во изјава за медиумите, Шукова посочи дека во функција ќе ги стави алатките и проектите „Отворен буџет“, „Е-Скопје“ и „СМАРТ Скопје 2“ со што ќе се зголеми транспарентноста во работењето на градската администрација.
– Мојата визија за Скопје е град што функционира транспарентно, ефикасно и современо, град што им служи на граѓаните. Концептот „Скопје без хартија“ значи дигитален град во кој секој административен процес е достапен и видлив. Во нашиот план дигитализацијата на јавните услуги создава целосна отвореност на градската администрација. Преку алатката „Отворен буџет“, граѓаните ќе имаат постојан увид во трошењето и распределбата на јавните средства. Електронските јавни набавки ќе обезбедат транспарентност и одговорност во секоја постапка. Со проектите „Е-Скопје“ и „СМАРТ Скопје 2“ се воведуваат системи за паметно паркирање, управување со отпад, вода и јавна инфраструктура, а интегрираните интелигентни сензори овозможуваат следење на квалитетот на воздухот, бучавата и временските услови за побезбедна и поодржлива животна средина, нагласи Шукова.
Кандидатката за градоначалник на Скопје, Шукова појасни дека во функција ќе ја стави и платформата „Paperless City 2029“, развиена мобилна апликација за граѓаните.
– Проектот „Paperless City 2029“ опфаќа единствена дигитална платформа што ги поврзува сите градски услуги, пристап до документи, плаќање и информации за граѓаните и бизнисите на едно место. Тоа е развиена мобилна апликација преку која граѓаните и туристите ќе добиваат информации за јавен превоз, настани и услуги во реално време. Дигитализацијата во образованието и културата создава нови можности за младите и за зачувување на нашето културно наследство и во таа смисла, ова не е само технолошка трансформација, туку визија за град што мисли за луѓето, нагласи Шукова.
На денешниот промотивниот настан, кандидатката за градоначалник Шукова, истакна дека Скопје станува паметен град што користи податоци, аналитика и вештачка интелигенција за подобро планирање и управување, затоа што како што рече, дигитализацијата е наш пат кон фер, отворен и паметен град Скопје за сите граѓани.