
Висок функционер на Европската унија го предупреди претседателот Доналд Трамп да не дозволи рускиот претседател Владимир Путин да успее да го растури деценискиот сојуз меѓу САД и Европа додека се обидува да стави крај на војната во Украина.
„Јасно е дека секој договор за Украина што не ја вклучува Европа ќе пропадне“, изјави шефицата за политика на ЕУ, Каја Калас за Fox News Digital од Јужна Африка.
„Европа и САД се посилни заедно, токму затоа Путин се обидува да не подели. Да не му правиме услуга“, додаде таа.
Загриженоста во Европа се зголемува поради напорите на администрацијата на Трамп да се најде решение за ставање крај на војната во Украина, a ниту Киев ниту некој европски функционер сè уште не бил присутен на дискусиите.
„Кога велат ‘ова се нашите планови за крајот на војната’, тоа ни отвора прашања“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за новинарите од Турција во средата по средбата со турскиот претседател Реџеп Ердоган.
„Каде сме ние на оваа преговарачка маса? Оваа војна се одвива внатре во Украина. Путин убива Украинци, а не Американци. Сакаме праведен мир, траен мир, одржлив мир“, додаде тој.
„Потребна ни е американска сила, а не отстапки за да ја завршиме оваа војна“, изјави Калас за Fox News Digital.
„Давањето украинска територија на Путин на чинија е губитничка стратегија“, додаде таа.
Калас, заедно со другите европски лидери се огласија оваа недела кога Трамп рече дека Украина треба да одржи претседателски избори – нешто што Украина уставно не може да го направи за време на воена состојба.
„Изборите во Украина се невозможни поради секојдневните напади на Русија, кои раселија милиони Украинци“, рече Калас. „Да не заборавиме дека Русија нема одржано слободни избори 25 години“.