Кацарска ја гледа како добра опција можноста граѓанин да иницира постапка до Уставниот суд

Претседателите на уставните судови од Македонија, Бугарија, Албанија, Црна Гора, Косово и Турција потпишаа Меморандум за разбирање и основање на Балкански форум на уставни судови. Целта е да се помогне во развивање на меѓусебен дијалог, споделување на уставната пракса, градење на капацитети и професионален развој на судиите и стручните служби во областа на уставно право, подигнување на нивото на комуникација на уставните судови со јавноста.

„Можноста граѓанинот да се обрати до Уставниот суд и иницира постапка во која ќе се одлучува за прашање од значење за уставноста и законитоста или за негово поединечно право, значи признавање на неговиот статус на член на општеството кој има сопствен поглед и став кон прашања од општествено значење, но и овозможување да се укаже на погрешно постапување и да се повика на одговорност кога во поединечни случаи му се повредени правата. Тоа е впрочем, еден од начините на кои се остваруваат владеењето на правото, заштитата на слободите и правата, но е и патот кон постоење на отчетни, одговорни и транспарентни институции кои се воспоставени токму за благосостојбата и просперитет на поединецот и општеството“, изјави претседателката на Уставен суд Добрила Кацарска.