Нема да предложам ниту еден кандидат за претседател на Уставниот суд, за тоа да не биде сфатено дека пренесувам нечија порака, порача претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во вечерашната Топ Тема на Телма.
Појасни дека гласањето е тајно, а за кого таа ќе гласа не може да каже. Инсистира дека досега никој не ѝ се јавил да лобира за никого.
Осврнувајќи се на заклетвата на претседателката Гордана Силјановска Давкова и нејзиното избегнување да го изговори новото уставно име на државата, Кацарска рече дека иако на никого во Македонија не му се допаѓа името, тоа сепак е наведено во Уставот, а тој мора да се почитува.
Не сакаше да го каже нејзиното лично мислење, напоменувајќи дека тоа би било непрофесионално затоа што постои можност таков предмет да биде претставен пред Уставниот суд.
Кацарска изјави и дека не се чувствува безбедна, откако претходно денеска на последната нејзина прес конференција откри два случаи во кои била нападната. Претходните рече дека не ги пријавила, вклучувајќи го и физичкиот напад кој го доживеала во Грција.
Откри дека обезбедувањето го добила по претходна безбедносна проценка а таа лично не барала такво нешто.
Запрашана дали ѝ е познато кој ги предизвикува и оркестрира овие напади, таа рече дека нема такви сознанија, и што и да кажала ќе било во рамки на шпекулации. Вели дека нападите вклучуваат псовки, навреди, и зборови во смисла „Ќе видиш ти кого судеше“.