Кафу: Србија, Данска, Белгија и Португалија може да изненадат на Мундијалот
Поранешниот капитен на бразилската фудбалска репрезентација – Кафу денеска изјави дека селекцијата на Србија може да биде едно од изненадувањата на претстојното Светско првенство во Катар.
Во интервју за Франс прес, на прашањето кои репрезентации би можеле да изненадат, Кафу ги спомна Србија, Белгија, Данска и Португалија „колку и да изгледа неверојатно“.
„Србија се пласираше на Светското првенство како прва во својата група. Одиграа многу добро во квалификациите. Имаат силен тим и не се плашат да играат фудбал против кој било противник”, изјави Кафу.
Тој изјави дека многу силна ќе биде и Франција која ќе ја брани титулата во Катар.
“Франција ќе биде многу силна, исто како и на минатото Светско првенство. Доаѓаат со етикетата на актуелни светски шампиони и ќе се борат за дабл. Тоа е една од најсилните селекции за победа”, изјави 52-годишниот Кафу.
Зборувајќи за селекцијата на својата земја, тој истакна дека верува оти Бразил може да ја „скрши европската доминација“ во Катар.
Бразил го нема освоено Светското првенство повеќе од две децении, а токму Кафу беше последниот капитен на таа селекција кој го крена пехарот наменет за светските шампиони, во Јапонија и Јужна Кореја во 2002 година.