Грчкиот весник Катимерини пишува дека новата конзервативна влада во Македонија ќе го смени Уставот кога Бугарија ќе го одобри членството.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги пофали реформските напори на Северна Македонија но ја истакна потребата од напредок во уставните промени доколку земјата сака да постигне напредок со нејзината кандидатура за пристапување во ЕУ, пишува грчки Катимерини коментирајќи дека новата конзервативна влада на Христијан Мицкоски ќе го смени Уставот само ако Бугарија го одобри членството во ЕУ.
„Спорот на Северна Македонија со соседот и членка на ЕУ, Бугарија го одложи нејзиниот процес за пристапување во ЕУ. Претходната левичарска влада се согласи да додаде референца за бугарско етничко малцинство во Уставот за да го надмине ќор-сокакот, но немаше парламентарно мнозинство за да ја донесе промената. Новата конзервативна влада на премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот дека ќе го измени Уставот само доколку Бугарија прво го одобри членството на Северна Македонија во ЕУ без дополнителни услови“, пишува весникот.
Руската инвазија на Украина и стравувањата од поширока нестабилност во Европа ја додадоа итноста на кандидатурите за пристап во ЕУ на балканските земји кои бараат влез.