Каспаров: Секој Русин што живее во Русија е дел од воената машинерија на Путин

Поранешен светски шампион во шах – Гари Каспаров во интервју за германскиот „Шпигел“ изјави дека „секој Русин што моментално живее во Русија е дел од воената машинерија на Путин“, додавајќи дека „сите оние кои сакаат да да бидат на вистинската страна на историјата, тие треба да ја напуштат земјата“. Тој вели дека поминал 20 години борејќи се против Владимир Путин.

„Отсекогаш сум велел дека неговиот режим нужно ќе стане фашистичка закана и не само за Русија и нејзините соседи, туку и за целиот свет. Би било убаво повеќе луѓе да го сфатат сериозно тоа предупредување“, рече Каспаров.

На прашањето дали фактот што живее во странство (во политички егзил е од 2013 година) го става во позиција да поставува такви барања кон оние кои се уште не ја напуштиле Русија вели: „Ова е војна. Или си на едната или на другата страна. Секој граѓанин на Русија, вклучително и јас, сноси колективна одговорност за оваа војна, дури и ако не сноси лична одговорност“.

„Денешна Русија е фашистичка диктатура која, додека зборуваме овде, врши злосторства против човештвото. И секој Русин кој сè уште живее во Русија е дел од воената машина на Путин, без разлика дали тоа му се допаѓа или не“.