Касем: Планот на Вашингтон за примирје во Газа е полн со опасности

Касем изјави дека Израел ќе го искористи американскиот план како изговор за преземање на палестинските територии и лишување на Палестинците од нивното право на самоопределување, но посочи дека конечната одлука дали да го прифати е на Хамас.

Лидерот на либанското движење Хезболах, кое има поддршка од Иран, Наим Касем, изјави дека планот на Вашингтон за прекин на огнот во Газа е „полн со опасности“, обвинувајќи го Израел дека го користи овој предлог на претседателот Трамп за да го постигне тоа што не успеа да го постигне во војната, објавија денес израелските медиуми.

Касем изјави дека Израел ќе го искористи американскиот план како изговор за преземање на палестинските територии и лишување на Палестинците од нивното право на самоопределување, но посочи дека конечната одлука дали да го прифати е на Хамас.

Според него, проектот на Израел е преку политиката да го постигне она што не успеа да го направи со „воена акција, агресија, геноцид и глад“, објави „Тајмс оф Израел“.

„Планот на Вашингтон е всушност полн со опасности“, рече Касем во говорот на комеморацијата по повод годишнината од убиството на двајца команданти на Хезболах за време на војната со Израел.

Лидерот на Хезболах додаде дека нема да се вклучи во дискусијата за деталите од планот на американскиот претседател Доналд Трамп, бидејќи за него дискутираат и на крајот одлучуваат палестинското движење на отпорот, Хамас и сите фракции.

Касем рече дека регионот мора да се спротивстави на проектот за Голем Израел, осврнувајќи се на библиското толкување на територијата на Израел, која ги вклучува не само Појасот Газа и Западниот Брег, туку и делови од Јордан, Либан и Сирија, наведува „Тајмс оф Израел“.

Според него, сите во регионот мора „да се спротивстават на таа идеја, бидејќи овој израелски проект ќе стигне до нив порано или подоцна“.