Протоколите се позитивни за Грција и од геополитички причини и од економски-развојни причини и добро е да се ратификуваат, истакна лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис во интервјуто за грчката телевизија „Action24“, говорејќи за трите меморандуми со Северна Македонија.
Претседателот на главната грчка опозициска партија истакна дека прашањето е зошто актуелната Влада чекаше толку години за ратификација и посочи дека тие нема да го решат „проблемот што го создаде Нова демократија“.
Истакна дека предизборно, во 2019 година Нова демократија беше против Договорот, а сега не кажува јасно дали е корисен или штетен за Грција.
-Сега испраќа збунувачка порака и не разбираме дали е „за“ или „против“ договорот. Еден договор, особено со таков углед и опсег, или е корисен или е штетен за нашата земја. Не може да биде нешто на средина, посочи Каселакис.
Паралелно потенцираше дека „ако е корисен за земјата нека го каже тоа премиерот“.
-Премиерот не ви ја кажува вистината, премиерот не ја кажува вистината за овој Договор. Сигурен сум дека самиот е многу среќен што овој договор беше постигнат пред тој да ја презеде власта, порача Каселакис.