Касами: ДУИ и СДСМ преку Груби се одмаздуваат во Тетово

Градоначалникот на Тетово – Билал Касами денеска го обвини првиот вицепремиер Артан Груби дека се одмаздува за изборниот пораз на интегративците на саботните избори за нов општински Совет.

„Без консулатација со општината Владата преку Груби зградата на старото медицинско училиште му ја дава на Катастар. Освен што станува збор за одмазднички потег, таквото решение е незаконско и срамно“, рече Касами.

„Оваа одлука ја оценуваме како самоволна и како одмазда со казнување на учениците и образованиот процес во Тетово во целина, знаејќи дека во овој објект се држи настава. Одлуката е злонамерна тенденција на Груби да им наштети на тетовските средношколци и да создава непотребни проблеми, и тоа во време кога образованието во Тетово има потреба од модернизација и просторно проширување. Со оваа одлука на Владата на СДСМ и ДУИ, директно страдаат учениците, оневозможувајќи да имаат основни услови за образување. Станува збор за удар и кон образовната историја во Тетово воопшто, знаејќи дека токму од оваа зграда излегуваа успешни генерации ученици дури и во најтешките времиња за градот. Одлуката е срамна и нема сличен пример ниту во најлошите времиња за Тетово“ – порача Касами.