Билал Касами – лидерот на Движењето Беса ноќеска на прес-конференцијата по објавувањето на победата во трката за советот на општина Тетово, побара предвремени парламентарни избори. Тој рече дека легитимитетот на Албанците во Северна Македонија е во Тетово и дека треба да се смени власта и на централно ниво.
„За краток период двапати ја добивме ДУИ, секако дека легитимитетот на Албанците во Северна Македонија, кој потекнува од тука, покажува дека веќе не е кај ДУИ. Ние од плоштадот во Тетово бараме предвремени избори за да се задоволи волјата на Албанците од Струга до Куманово во земјава и евентуално Албанците во Северна Македонија да имаат достоен претставник во централната власт. Бараме што поскоро предвремени избори“ – рече Касами.
Беса славеше победа на изборите за Советот, а голем број граѓани беа собрани на плоштадот каде дојде и лидерот на партијата и градоначалник на Тетово.