
Касами: Без Таравари, ВЛЕН тежи исто колку и со него, ако се оддели од групата, ќе го изеде волкот
Коалицијата ВЛЕН ќе продолжи посилна и без Арбен Таравари, доколку тој одлучи да се отцепи, порача лидерот на БЕСА, Биљал Касами, во интервју за Радио Слободна Европа. Тој оцени дека најголем губитник ќе биде оној што ќе ја напушти коалицијата, алудирајќи на Таравари и можната соработка со ДУИ.
Коалицијата ВЛЕН ќе продолжи посилна и без Арбен Таравари, доколку тој одлучи да се отцепи, порача лидерот на БЕСА, Биљал Касами, во интервју за Радио Слободна Европа. Тој оцени дека најголем губитник ќе биде оној што ќе ја напушти коалицијата, алудирајќи на Таравари и можната соработка со ДУИ.
„Народната поговорка вели – ‘тој што ќе се оддели од групата, ќе го изеде волкот’. Верувам дека таа логика ќе надвладее и дека ВЛЕН ќе остане обединет“, вели Касами.
Според него, ВЛЕН како коалиција има поголема политичка тежина од кој било нејзин индивидуален член, и не гледа рационално објаснување за евентуално приближување на Таравари до Али Ахмети и ДУИ.
„ДУИ и Ахмети треба да одговараат за 20 години криминал и злоупотреби. Ако има потреба од комуникација со нив, тоа може да се случи дури откако ќе се соочат со одговорност и ќе се реформираат“, рече Касами, коментирајќи го ставот на Таравари дека е отворен за разговор со ДУИ.
Касами исто така ја отфрла тезата дека ВЛЕН нема поддршка кај албанските гласачи. Тој вели дека внатрешните анкети покажуваат спротивно и дека, ако разумот преовладее, коалицијата ќе настапи заедно и на локалните избори – и со кандидати за градоначалници и со заеднички советнички листи.
„Ако некој има други агенди или нешто што не може јавно да го каже, тогаш постои ризик да не се договориме“, вели тој.
Според Касами, на Таравари му биле понудени пет сигурни пратенички места и отвореност за доминација и во изборите за општински позиции, но инсистирањето на самостоен настап е опасно и оди во прилог на враќање на ДУИ на власт.
На прашањето за контроверзната иницијатива за промена на имињата на улиците во Тетово, каде што Касами е градоначалник, тој објасни дека процесот е започнат уште пред две години, дека е делумно завршен и дека целта е конечно регулирање на урбаната адресна мрежа.
„Има населби без имиња на улици. Имаме проблем да испраќаме документи до граѓаните. Ова е суштинско прашање“, вели Касами. Тој најави уште неколку јавни дебати со граѓаните, по што Комисијата ќе ги разгледа сите предлози пред финалното решение, кое се очекува до крајот на април, поради изборниот рок од шест месеци.