Карпентер смета дека ОБСЕ е клучна за да ја држи Русија одговорна за агресијата врз Украина

Русија останува изолирана во ОБСЕ, нема ниту една друга земја членка која ја поддржува нејзината војна во Украина, рече постојаниот претставник на Соединетите Држави во ОБСЕ, амбасадорот Мајкл Карпентер на брифинг со новинарите, на маргините на Министерскиот самит на ОБСЕ којшто се оржува во Скопје од 30 ноември до 1 декември.

Тој додаде дека клучна алатка за земјите на ОБСЕ е да ја држат Русија одговорна за нејзините „брутални акции“ во Украина, вклучително и за воени злосторства, мачење, злосторства против човештвото и друго.

„Ние ја користевме оваа организација за да има силен ефект. Секако, на крајот на оваа година во текот на последните неколку недели имаше некои прашања за лидерството на организацијата, за генералниот секретар на организацијата и среќен сум да известам дека Малта се согласи да го преземе претседавањето следната година. Ние сме благодарни за тоа што прземаат одговорност, бидејќи ова е голем предизвик со кој треба да се соочат. Само што постигнавме прелиминарен договор на подготвителниот состанок да дозволиме продолжување на мандатите за генерален секретар на ОБСЕ, директор на ОДИХР, висок претставник за национални малцинства и претставник за слобода на медиуми“, рече Карпентер на брифингот.

На новинарски прашања во однос на прес-конференцијата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Карпентер рече дека Русија е земја агресор, додавајќи дека ќе бараат „одговорност за злосторствата во Украина.“

„Русија во моментов окупира 20 проценти од територијата на Грузија, тие стационираат трупи во Република Молдавија без согласност на земјата. Сето ова е прекршување на меѓународното право и ние имаме намера да ја држиме Русија одговорна за тоа и мора да има последици“, рече Карпентер.

Карпентер смета дека на Русија ѝ е многу непријатно со нејзината позиција во ОБСЕ, додавајќи дека таа е дипломатски изолирана.

„Има кажувања од Лавров дека западните земји доминираат со наративот во ОБСЕ. Причината поради која доминира тој наратив е поради руската воена агресија и тоа е реалноста. Но, ќе продолжиме да ја користиме организацијата за целта поради која е создадена и ние ја гледаме функционалноста на организацијата како наша победа. Мислам дека ова е добар резултат за сите нас“, рече Карпентер.

Тој рече дека нема промена на американската политика во однос на Косово, коешто САД го поддржуваат како независна и демократска земја и повтори дека ги поддржуваат преговорите за нормализација на односите.