Карневалот во Вевчани и оваа година од 12 до 14 јануари: Џамбазов го промовираше настанот

Вевчанскиот карневал почнува в петок (12 јануари), а завршува на 14-ти со традиционалото палење на маските, најави на прес-конференција актерот Игор Џамбаазов, кој годинава е промотор на настанот.

„Ако влезете на Википедија, ќе видите дека Вевчанскиот карневал е стар скоро 15 векови. А, според некои артефакти пронајдени во Горна Белица, се претпоставува дека е над 2.000 години. За да ви објаснам колку е тоа старо, ќе ви кажам дека првиот Вевчански карневал се одржал 900 години пред Колумбо да ја открие Америка. И покрај тоа што е пагански обичај, тој не престанал да трае, дури ни во најтешките моменти. Бидејќи Вевчанскиот карневал е еден голем мајтап и станува збор за едни од најкреативните луѓе во Македонија, тие од сѐ знаат да направат шега и смеа, па ќе се обидам таква да биде и оваа прес-конференција. Денеска гледате една несекојдневна глетка. Од мојата лева страна се левите политички сили, а од десната страна, десните политички сили. Левиве политички сили им даваат пари на десниве, а јас како инфлуенсерка сум жив штит меѓу нив. Дај боже што почесто да има вакви слики и, навистина министерке, Вевчански карневал е бренд кој не смее да се одбие“, им кажа Џамбазов на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и на градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.

„Јас на тоа што го кажа Игор би отишла еден чекор подалелку и би рекла дека Вевчанскиот карневал е нематеријално културно наследство и како таков моравме да поддржиме. Ние со градоначалникот Кочовски склучивме договор за финансирање на карневалот со 1.8 милиони денари“, кажа Костадиновска-Стојчевска.