Каратистот од Велес кој учествувал во киднапирањето на Вања уапсен во неговата школа за боречки вештини, пред учениците

За киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска (14) се осомничени пет лица, а меѓу нив е и Боре Видевски, каратист од Велес, кој според македонските медиуми е уапсен во неговата спортска школа за боречки вештини, објавува „Информер.рс“.

Како што пишуваат медиуми, Видевски е приведен заедно со Велибор Манев и Влатко Кешишев.

Покрај киднапирањето, сите тројца се осомничени и за убиството на Вања Ѓорчевска (14) и фризерот од Велес, Панче Жежовски (74), и сите тројца добија притвор до 48 часа.

Инаку, како што кажаа од Обвинителството, на распитот откриле кога и каде биле убиени Вања и Панче.

– Го имаме признанието на осомничените кој за што одговара – изјави главниот јавен обвинител Гаврил Бубевски.

Според првите информации, тие во своите изјави рекле дека ја убиле Вања бидејќи работата излегла од контрола.

– Тоа е нивната верзија – додаде Бубевски.

Уапсениот Видевски на своите профили на социјалните мрежи има фотографии од децата кои ги тренирал во боречки вештини. Коментарите под фотографиите сведочат дека осомничениот бил карате мајстор и дека учениците и нивните родители го обожавале.

Засега не се знае каква била неговата улога во киднапирањето, а властите вчера на прес-конференција соопштија дека осомничените признале што направиле во случајот што го шокираше Балканот.

Видевски е тајно изведен на суд. Тој беше спроведен во судницата преку гаражата на судот, а потоа во лифтот до третиот кат.