„Нашата генерација е генерација што има огромна одговорност. Се разбира, со одговорноста оди и честа. Ние сме избрани, ние имаме мисија. Таа мисија нам лично, на нашата генерација, не може ни да донесе никакви почести, не може да ни донесе никаква материјална благосостојба, зашто времето во кое живее и дејствува нашата генерација е време на аскеза и на одрекување. Само оние што се подготвени да се одречат од својата благосостојба, можат да речат: ние ѝ припаѓаме на онаа генерација во државата што ја спаси, ние сме луѓето на новата политика“, кажа денеска Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија Бобан Карапејовски на седницата за избор на владата.
„Изборот на влада на една држава треба да биде свечен чин. Денес треба да се избере новата генерација, која се надевам дека ќе се откаже од својата благосостојба за добросостојбата и за спасот на државата, денес ќе избереме луѓе на една нова политика.
Независно од тоа дали се согласувате или не се согласувате во политичкото дејствување со оние што ја формираат, денот на расправата по кадровските решенија и по програмата на владата е одраз на народната волја на избори. Ние сме биле сведоци на секакви сцени во работата на Собранието, но политичката култура мора да порасне и да дојде до рамниште кога ќе се нотираат забелешките и потоа ќе ѝ се даде поддршката и простор на владата за да го сработи она за што добила доверба, истакна Карапејовски.
„Македонија ни припаѓа на сите подеднакво и никој нема ексклузивно право на нејзина сопственост. Македонците треба да прифатат дека оваа земја не е само наша своина, таа е на сите граѓани. Но, и останатите наши сограѓани од другите етнички заедници треба да разберат и да прифатат дека лојалноста кон сопствената држава е секогаш повисоко ниво од лојалноста кон сопствениот етникум во други држави. Само така ќе обезбедиме хармонични меѓуетнички односи, кои се засноваат на искреност и почит, а не како досега – на уцени и бизнис-зделки“, истакна тој.