Каранфилова Пановска: ЕУ интеграцијата на Западен Балкан до 2030 година е заедничка обврска на регионот и Унијата

Заменик-претседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, учествуваше на Конгресот на Социјалдемократската партија на Шведска и на програмата на Палме академијата, што се одржа во Гетеборг, Кралството Шведска.

Заменик-претседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, учествуваше на Конгресот на Социјалдемократската партија на Шведска и на програмата на Палме академијата, што се одржа во Гетеборг, Кралството Шведска.

На Конгресот присуствуваа лидери на социјалдемократски партии, пратеници од Европскиот парламент, актуелни и поранешни функционери на Шведска, претставници на меѓународни организации, кои на панелите во рамки на Конгресот дискутираа за зајакнување на политичкиот дијалог и унапредување на заедничките социјалдемократски вредности.

Каранфилова Пановска, се обрати на панелот на тема „Потребата од меѓународна солидарност и заедничка безбедност во време на геополитички промени – Кој е глобалниот социјалдемократски одговор на овие промени?“, кој го отвори претседателот на ПЕС и поранешен премиер на Шведска, Стефан Лофвен.

Во своето обраќање Каранфилова Пановска говореше за неопходноста од полноправно членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ, што е важно за обезбедунање и гарантирање на стабилноста и безбедноста на регионот и Европа.

„Забрзувањето на ЕУ интеграциите на државите од регионот и Западен Балкан е клучен процес за стабилизација, развој и напредок на државите кандидатки за членство во ЕУ. Интеграција во ЕУ е важна и за вистински напредок во однос на правосудството и борбата со корупцијата. И државите од Западен Балкан, но и ЕУ мора да вложат максимални напори за да се надминат предизвиците и пречките за полноправното членството до 2030 година да стане реалност за сите држави од Западен Балкан. Во тој контекст, сметам дека е потребна една сеопфатна социјалдемократска агенда за процесот на проширување на ЕУ, но истовремено и силна поддршка од европските социјалдемократи, затоа што се работи за прашање од геополитичко значење.“

Во рамки на учеството на Конгресот во Гетеборг, Каранфилова Пановска имаше средби со потпретседателот на шведскиот парламент, Кенет Г. Форслунд, со поранешниот министер за надворешни работи и заменик-генерален секретар на ОН, Јан Елиасон, со генералниот секретар на Социјалдемократската партија на Шведска, Тобијас Баудин, како и со меѓународната секретарка на Социјалдемократската партија, Паула Карваљо Оловсон. Во фокусот на разговорите на средбите беа заедничките предизвици на социјалдемократијата денес, односно растечкиот национализам, заканите по демократијата и потребата од цврста социјална правда. Каранфилова Пановска на средбите истакна дека социјалдемократијата мора да остане гласна, прогресивна и храбра во борбата за праведно општество – и на национално, и на глобално ниво.