Капитенот на Сити потпиша за Барселона

Илкај Ѓундоан (32), капитенот и легендата на Манчестер Сити, по седум години го напушти клубот со кој освои пет титули во Англија, два ФА купа, четири Лига купови и Лигата на шампионите, и за кој одигра 304 натпревари, постигна 60 и асистираше за 40.

Ѓундоан го направи овој потег откако беше одличен во крајот на сезоната во која Сити ја освои тројната круна.

За ова придонесе со 51 настап, 11 голови и 7 асистенции. Во Сити дојде во 2016 година од Борусија Дортмунд за обештетување од 27 милиони евра, а заминува како слободен играч кога ќе му истече договорот. Ѓундоан е миленик на Гвардиола и менаџерот многу сакаше да го задржи. Но, и покрај тоа, капитенот на Сити ја избра Барселона.

Aс пишува: „Сити му понуди повеќе од Барса, за која потпиша на две години со опција за трета за 10 милиони евра бруто годишно и со откупна клаузула од половина милијарда евра“.

Фабрицио Романо, најсигурниот извор од трансфер-пазарот на фудбалери, синоќа со информациите за Ѓундоан и Барселона напиша „Тргна работата!“, а сите знаеме што значи кога Романо ќе потврди – значи дека работата е и завршена.

„Конечното одобрение за регистрација на Ѓундоан дојде во Барселона. Ла Лига го дозволи тоа, на што Ѓундоан даде зелено светло. Работата е завршена, Ѓундоан потпиша пред неколку минути“. Романо исто така наведува дека легендата на Сити потпишала за Барса до јуни 2025 година со опција за продолжување на уште една година.

Ова е голема победа за Барселона на пазарот и пред формалниот почеток на преодниот рок. Со доведувањето на Ѓундоан од европскиот шампион, кој сакаше да го задржи и му понуди речиси двојно поголема плата, таа му ја исполни најголемата желба на својот тренер.

Marca пишува дека Чави од февруари речиси секој ден му се јавува на Ѓундоан и го повикува да дојде.

Сега му успеа, а мадридските и каталонските медиуми истакнуваат дека целиот клуб го слави овој трансфер бидејќи Ѓундоан е тип на играч кој на Барселона многу ѝ недостасува. Играч од средниот ред кој постигнува дузина гола по сезона од втор план.

„Барселона интерно го нарекува играчот за освојување на Лигата на шампионите“, пишува Marca.

Шампионот на Шпанија имаше огромна конкуренција во борбата за Ѓундоан.

Покрај Сити, со кој Барселона не може финансиски да се справи, Ѓундоан имаше одлични понуди и од Арсенал и Борусија Дортмунд.