Мартовската кампања „Храбра и силна“ на Министерството за труд и социјална политика денеска е во Штип. На средбите присуствува и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчовска, која во прес-центарот на МИА во Штип истакна дека кампањата е во интерес на положбата на жената.
-Кампањата ја започнавме на 1 март. Значи да не зборуваме за правата на жените, положбата на жените само на Меѓународниот ден на жената 8 ми март. Туку оваа година низ повеќе градови низ државата одржуваме средби, дискусии со различни категории на жени. Денес во Штип имаме две вакви средби со различни категории на ранливи жени, со коишто сакаме да поразговараме, да слушнеме од нив, каква е состојбата, кои се проблемите со коишто тие се соочуваат, вели Тренчовска.
Посочи дека кога се креираат политиките не треба да се седи во канцеларија, туку политиките се креираат на средби, контакти со граѓаните, за да одговараат на нивните потреби и интереси.
-Зборуваме за менталното здравје на жените, зборуваме за економското зајакнување на жените и ако каранфилот бил специфика на Клара Цеткин и Роза Луксембург, кога се бореле за женските права и оделе, марширале низ улиците, ние наместо цвет ќе им подариме и тоа е дел од кампањата семе, сами да израснат цвет, всушност семето е симбол за нови почетоци, вели Тренчовска.
Кампањата „Храбра и силна“ продолжува и во други градови низ земјата.