„Едвај ме извлекоа од колата. Бев под камионот повеќе од еден час. Камо среќа да не ме извлекоа“.
Вака низ солзи зборува Мирјана Лазовиќ, сопругата на Данијел Лазовиќ, кој вчера со трите деца и сосетката загинаа во тешката сообраќајна несреќа кај Рашка, во Србија.
– Бев совозач, сите се изненадени како останав жива. Ах мајко, има ли Господ?! Сигурно нема кога ги зема Данијел и децата. Каков ќе ми биде сега животот без нив, сега не ми треба ништо. О, Данијел, не се договоривме вака… се договоривме да се подготвиме за славата… Ах, што ќе ми биде сега животот без нив“ – заплакала мајката која за една секунда ги загуби трите деца и сопругот.
Таа за српски „Информер“ раскажала како дошло до страшната трагедија.
– Тој војник во возилото доаѓаше право кон нас, како да сакаше да не убие. Сопругот се обиде да го избегне, но не можеше. Се шеташе на сред улица. Не знам дали заспал или бил пијан, ми ги уби трите деца. Ми го уби целото семејство! Ако има правда, никогаш не треба да излезе од затвор – го проколнува Мирјана, возачот на военото оклопно возило.
Таа на своја одговорност денеска ја напуштила болницата, а вистинско чудо е како ја преживеала страшна несреќа кога оклопно возило на Армијата го престигнало конвојот и удрило во нивниот „форд“.
Страшна сообраќајна несреќа се случи кај Ушќе кога автомобил се судри со системот ПАСАРС на војската на Србија. Единствена преживеана од автомобилот е Мирјана Лазовиќ (32).
Загинаа другите членови од нејзиното семејство, нејзиниот сопруг Данијел и трите деца, како и нејзината сосетка Дијана К.(27).
Возачот на оклопното возило имал повеќе од 0,2 промили алкохол во крвта, што е спротивно на правилата на Вооружените сили на Србија, кои наложуваат нулта толеранција на алкохол за припадниците на војската.
Поради постоење основи на сомнение дека сторил тешко кривично дело против безбедноста на јавниот превоз, на М.В. му е одреден притвор.