Вршителот на должноста премиер на Бугарија, Галаб Донев, нареди итна истрага по објавувањето на информацијата дека камионот кој во саботата експлодира на рускиот Кримски мост, бил натоварен со експлозив од Бугарија, соопшти владиниот портпарол Антон Кутев.
Во експлозијата загинаа двајца луѓе, а официјална Москва ја нарече „терористички чин“.
Според Кутев, преодната Влада побарала информации од безбедносните служби за камионот што експлодира на мостот на Крим. Проверки, како што рече и тој, вршат Државната агенција за национална безбедност и бугарското Министерство за внатрешни работи.
– Какви ќе бидат резултатите, останува да видиме, вели Кутев.
Поранешниот заменик-министер за одбрана на Бугарија Јордан Божилов го отфрли постоењето на бугарска врска со она што се случи на мостот на Крим во саботата и го дефинира како хибридна војна против бугарските власти.
„Нема бугарска трага. Блеф! Да се вметнат Бугарија и НАТО во наративот“, напиша тој на Фејсбук, наведувајќи дека руската пропаганда сака да го вклучи НАТО во приказната.