
Камиловска Трповска за случувањата околу ДКСК: Корупцијата е секојдневие со кое граѓаните редовно се соочуваат
„Корупцијата е многу повеќе од само апстрактен поим кој таму во некој закон е дефиниран. Корупцијата не е само мерење на перцепцијата на граѓаните и правење на проценки за истата. За жал, тоа е секојдневие со кое граѓаните редовно се соочуваат и веќе години наназад го констатираат како најголем проблем во државата“, вели за „Трилинг“, Снежана Камиловска Трповска од МЦМС.
„Корупцијата е многу повеќе од само апстрактен поим кој таму во некој закон е дефиниран. Корупцијата не е само мерење на перцепцијата на граѓаните и правење на проценки за истата. За жал, тоа е секојдневие со кое граѓаните редовно се соочуваат и веќе години наназад го констатираат како најголем проблем во државата“, вели за „Трилинг“, Снежана Камиловска Трповска од МЦМС.
Таа истакнува дека „во таква состојба, улогата на Државната Комисија за спречување на корупција е круцијална чија визија е да воспостави ефикасен систем за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси. Основно за да може ДКСК да ја реализира својата визија е да има Комисија која подлежи на постулатите на интегритет, отчетност и транспарентност.
-Комисијата е колективно тело, но секоја една индивидуа, која е дел од истата, е дел од нишката која треба да ги поддржи постулатите и да овозможи нејзино интегрирање во системот како тело кое поттикнува нормативно и институционално јакнење како и креирање антикорупциски политики и мерки. На крајот на денот, секоја една индивидуа презема одговорност за своето делување и допринесува позитивно или негативно за одредени состојби“.
„Во 2019 година“, вели Камиловска, тогаш новоформираната Комисија имаше многу тешка улога да ја врати довербата на ова тело кај граѓаните која беше целосно кородирана токму поради недостатокот на интегритет на претходните членови и целосната затвореност на телото кон јавност.
-Тоа долгогодишно системско позиционирање на претходниот состав на Комисијата како тело кое се труди да ја реализира визијата и гласно да говори за системските пропусти резултираше со прифаќање од граѓаните и препознавање на истото како најрелевантно тело за борба против корупција. Но, довербата тешко се стекнува, но преку ноќ се губи. Резултатите и дејствијата на актуелното тело изненадуваат како за граѓанскиот сектор така и за пошироката јавност.
–Од моментот на започнување на нивниот мандат наместо да видиме напредок, сведочиме на сомнителни одлуки (АНБ случај, Проверка на Законот за слободен пристап од информации од јавен карактер, паушални изјави за надлежностите на претходниот состав…) кои ја поткопуваат довербата на институцијата и на долг рок ја разнишуваат спремноста на телото да се бори со корупција. И тоа не значи дека моделот на избор бил погрешен. Погрешен е само начинот на усогласување на гласовите кој овозможи уште од почеток да постои сомневање во делувањето на телото. Ова беше и констатирано со моето издвоено мислење кое на жалост не ни беше прочитано на седницата на Собрание кога се гласаше актуелниот состав. Моменталните случувања за жал само негативно ќе влијаат на репутацијата на ДКСК, а останува да видиме дали може и други независни тела и нивната репутација да биде разнишана.
–Во нашето блиско минато сведочевме на случувањата со СЈО во кое се полагаа најголеми надежи, но поради недостаток пред се на интегритет видовме дури и кривични дела поврзани со корупција. И на крај, тоа што е најбитно за во наредниот период е да не се користи ова тело за добивање на политички поени туку заеднички да се делува за да се обезбеди негова целосна независност и да се покаже политичка спремност за борба против корупција“, вели за „Трилинг“, м-р Снежана Камиловска Трповска од Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС).