
Професорот по кривично право, Владо Камбовски во изјава за тв Телма ги толкува одлуките поврзани со префрлањето на Миле Јанакиески од домашен притвор во затворот „Идризово“ веднаш по правосилноста на пресудата.
Судот смета дека таква одлука требало да се донесе веднаш, додека адвокатите на Јанакиески бараа досега одлежаниот притвор (домашен и затворски, во повеќе истраги и предмети) да се пресмета во казната за предметот Титаник и бидејќи е подолг, Јанакиески да биде пуштен од затвор.
-Со првата правосилна пресуда, изречена за кое било дело, судот мора да го засмета во изречената казна затвор дотогаш одредениот притвор, односно куќниот притвор и неговото времетраење. Тоа не исклучува во секоја следна правосилна пресуда (без разлика колку постапки има) да се изврши натамошно засметување на времетраењето на притворот, односно куќниот притвор, во делот кој не е засметан во претходно правосилно изречена казна затвор, објаснува Камбовски.
Тој смета дека вакво толкување одговара на целта на одредбите во Кривичниот законик и во ЗКП.
Јанакиески беше осуден на 3,5 години затвор, а досега има определено вкупно 4 години и 8 месеци притвор, во повеќе постапки.