Поранешниот претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Владо Камбовски, не се согласува со идејата на „Вреди“ за формирање на паралелна Албанска академија на науките и уметностите.
Во разговор за ТВ24, Камбовски рече дека таква структура е невозможно да постои во една држава, во која веќе постои МАНУ.
„Во една држава не може да има две национални академии. Во ниту една држава во светот не постојат две национални академии на науките и уметностите. Возможно е да се формираат, на пример, здравствени здруженија, но невозможно е да има две национални академии“, изјави академик Камбовски.
Според него, научните и уметничките институции треба да се базираат на заеднички научни и културни вредности, а не на етнички или политички припадности, бидејќи тоа може да доведе до поделби и конфликти во научната заедница.
„Вреди“ ја најави иницијативата за формирање на Албанска академија на науките и уметностите вчера. Лидерите на „Вреди“ посочија дека планот е таа да биде најпрво финансирана од општинскиот буџет на Тетово, но потоа финансирањето да го преземе државата.
И главниот коалициски партнер, ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници.
Со идејата не се согласува ниту коалициониот партнер во власта ЗНАМ, кој денеска преку претседателот на партијата изрази мислење дека МАНУ е единствената институција во која се споени науките и уметностите, а во кој составот е мешовит.