Треба инквизиција и на клада да ме стават затоа што се залагам за родова еднаквост. Што сме, вештерки? Нека ме стават на клада, не се откажувам и силно верувам во вредностите кои ги застапуваат социјалдемократите за еднаквост на сите и почитување на различностите до максимим, вели пратеничката Снежана Калеска Ванчева од СДСМ за пораката на викарниот епископ на Скопската епархија, со титула епископ Давид Дремвитски, да се запишат имињата на пратениците во македонскиот парламент кои ќе гласаат за законот за родова еднаквост за Црквата да може да ги лиши од венчавки, крштевки, погреби.
„Законот за родова еднаквист прво не е стасан во Собрание, тој се уште не поминал ниту во Владата. Силно верувам во вредностите кои ги застапуваат социјалдемократите за еднаквост на сите и за почитување на различностите до максимум. Што значи дека ние кои се залагаме за родова еднаквост не ги почитуваме семејните вредности? Што треба инквизиција? Да ме стават на клада? Нека ме стават, не се повлекувам од своите размислувања и идеи во никој случај. Давид нека се запраша дали е во духот на христијанската вера да прави списоци на пратеници. Тоа не е во духот на ниедна вера. Вештерки ли сме“, прашува Калеска Ванчева.
Таа додава дека семејните вредности подразбираат многу повеќе. Дека родовата еднаквост не ги загрозува семејните вредности. Калеска Ванчева за Слободен печат вели дека законот се подготвува три години и дека процесот е максимално инклузивен.