Барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо-првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, ќе биде пуштено денес, а потоа и министерот за правда Лога директно ќе контактира и со неговиот турски колега. Очекува позитивен одговор и за кратко време Палевски да биде донесен во земјава. Колку би траела целата постапка зависи од постапките за екстрадиција во Турција, вели Лога.
Земјава најпрво мора да ги достави сите документи кои се бараат за екстрадицијата на Палевски, а жалбената постапка да трае подолго и да се одвива на повеќе нивоа, вели професорот по кривично право Гордан Калајџиев.
Тој појаснува делка додека се одобри барањето од Македонија, најпрво лицето кое е уапсено од турските власти по меѓународна потерница ќе биде сослушано од управните власти, а подоцна одлука треба да донесе високиот Кривичен суд на Турција. Последниот филтер е на политичко ниво.
Барањето за екстрадиција на кој стои потписот на министерот Лога, доаѓа откако Палевски беше уапсен во градот Баликесир, во Турција. Меѓународната потерница по него беше издадена на 4 декември, а апсењето се случи ден потоа. Основното јавно обвинителство го сомничи Палевски за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин. Во истрагата се опфатени уште четири лица.