
Калас: Ако планот „А“ за ЕУ интеграција не успее ќе поминеме кон следната фаза
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедност, Каја Калас, испрати порака дека европската интеграција на земјава останува приоритет, но и дека постои подготвеност за нови пристапи доколку актуелниот процес остане во ќорсокак.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедност, Каја Калас, испрати порака дека европската интеграција на земјава останува приоритет, но и дека постои подготвеност за нови пристапи доколку актуелниот процес остане во ќорсокак.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје, одговарајќи на прашањето дали ЕУ има „план Б“ за Северна Македонија, слично како за Украина, Калас истакна дека фокусот останува на основниот пат.
– Како што и за другите случаи коишто ги споменавте. Ние се фокусираме на „план А“ и се обидуваме планот „А“ да профункционира. Затоа што кога се префрлате кон „план Б“, тогаш „план А“ излегува од игра. Можеби ви звучам како да зборувам шифрирано, но сакам да ви кажам дека сѐ уште се надеваме дека планот А ќе профункционира и ќе биде успешен. Работиме кон тоа, доколку не, тогаш ќе поминеме кон следната фаза, рече таа.
Во однос на можните механизми за деблокада на евроинтегративниот процес, Калас потврди дека Брисел е свесен за пречките и работи на нивно надминување.
– Прво, јасно е дека сакаме Северна Македонија навистина да се придвижи по овој пат и знаеме дека има пречки на него, и тоа го дискутиравме денеска за да можеме да изнајдеме механизми за да се надминат тие пречки, рече таа.
Додека, за прашањето за неинтеграцијата на Западен Балкан, и колку е тоа голема закана, одговори дека е важно сите да се целосно интегрирани.
– Ако ја погледнеме поголемата светска слика, секако јасно гледаме дека има разлика во големите сили, има тектонски промени. Западен Балкан секако е дел од Европа, и важно е за нас да бидеме сите целосна интегрирани. ЕУ е мировен проект, и тоа овозможува да се намалат тензиите во регионот на Западен Балкан. Затоа сметам дека тоа е и безбедносно прашање, посочи таа.
На денешната прес-конференција, Калас порача дека Европската Унија останува со Северна Македонија на патот кон целосното интегрирање.