Калас: Ако ЕУ го финансира оружјето за Украина, тоа е европска, а не американска поддршка

Таа додаде дека ЕУ ја поздравува најавата на Трамп за дополнителна воена поддршка, но очекува и САД да го споделат товарот. – Ако некој вети помош, а ја плаќа друг, тогаш тоа не е помош на оној што ветува, туку на оној што плаќа, рече Калас.

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Каја Калас изјави дека, доколку Европската Унија го финансира вооружувањето на Украина, тоа ќе претставува европска поддршка, а не американска, независно од изјавите на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Нејзината изјава доаѓа по изнесената најава на Трамп дека САД ќе испратат дополнително оружје за Украина, но средствата за тоа ќе ги обезбеди ЕУ, што, според весникот „Гардијан“, предизвикало тензии меѓу Брисел и Вашингтон.

– Ако ние го плаќаме тоа оружје, тогаш тоа е наша помош. Тоа е европска поддршка и правиме сè што можеме за да ѝ помогнеме на Украина, истакна Калас.

Таа додаде дека ЕУ ја поздравува најавата на Трамп за дополнителна воена поддршка, но очекува и САД да го споделат товарот. – Ако некој вети помош, а ја плаќа друг, тогаш тоа не е помош на оној што ветува, туку на оној што плаќа, рече Калас.

Западни медиуми известуваат дека следната среда се очекува одржување на посебна конференција со учество на држави кои располагаат со ракетни системи „Патриот“ и донатори за Украина. Конференцијата ќе се одржи под претседателство на врховниот командант на НАТО.

НАТО планира да ја координира испораката на оружје преку Механизмот за безбедносна помош и обука на Украина, базиран во Германија, наведуваат претставници на Алијансата.

Поранешниот американски амбасадор во НАТО, Курт Волкер, изјави дека Украина би можела да добие меѓу 12 и 13 системи „Патриот“, но испораката може да трае и до една година. Весникот „Гардијан“ посочува дека Трамп ги збунил сојузниците со тврдењето дека една членка на НАТО поседува 17 системи, дел од кои ќе ѝ бидат директно испратени на Украина – бројка што не ја поседува ниту една членка освен САД.

Во врска со воената поддршка, украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека целта е во рок од шест месеци домашното производство на оружје да достигне 50 отсто.

– Нашата цел е во првите шест месеци од мандатот на новата влада да достигнеме половина домашна продукција, изјави Зеленски, додавајќи дека се потпира на новата премиерка Јулија Свириденко и новиот министер за одбрана Денис Шмихал за реализација на оваа стратегија.

Во меѓувреме, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, ја повика Европската Унија да воведе нови санкции кон Русија, отфрлајќи ги како „лаги и манипулации“ тврдењата од Москва дека Украина одбива мировни преговори.