Казна за Вил Смит – 10 години не смее да присуствува на Оскарите

Актерот Вил Смит нема да може да присуствува на наградите Оскар во следните 10 години поради тоа што на годинашново издание го удри на сцената комичарот Крис Рок.

„Одборот одлучи, во период од 10 години од 8-ми април 2022 година дека господинот Смит ќе има забрана лично или виртуелно да присуствува на настаните на Академијата, меѓу нив и на наградите Оскар“, пишува во соопштението.

Одлуката била донесена за време на состанокот на Управниот одбор одржан во Лос Анџелес.

„94-тите награди Оскар требаа да бидат прослава за многу поединци од нашата заедница кои направија извонредна работа изминатава година. Сепак, овие моменти беа засенети од неприфатливото и штетно однесување кое го видовме од господинот Смит на сцената. За време на телевизискиот пренос ние несоодветно ја адресиравме ситуацијата во просторијата. Жалиме поради тоа. Ова беше можност да поставиме пример за нашите гости, гледачи и за нашето семејство од Академијата низ светот и не успеавме во тоа – неподготвени за ситуацијата без преседан“ – се додава во соопштението од Академијата.

По ова Вил Смит објави кратко соопштение.

„Ја прифаќам и ја почитувам одлуката на Академијата“ – вели тој.