„Воспоставениот дијалог со опозицијата е во исклучително важен момент за европската иднина на земјата. Чекорот што го направи Христијан Мицкоски со прифаќањето на уставите измени е за поздравување. Сето ова создаде добра основа за продолжување на дијалогот со ДПМНЕ но и со сите релевантни политички партии застапени во македонското Собрание“ рече денеска на прес конференција Дарко Каевски, пратеник од СДСМ.
„Сега може да разговараме како заеднички да ги изведеме уставните измени, неопходни за продолжување на европскиот пат. СДСМ ќе биде проактивна во овој процес. Токму затоа на синоќешната седница на Централниот одбор донесевме одлука за формирање на работна група. Овој тим ќе го продолжи дијалогот со ДПМНЕ и останатите политички партии за носење на уставните измени и продолжување на евроинтегративниот процес. Што поскоро уставните измени влезат во Собранието тоа подобро“ посочи Каевски.
Неговиот став е дека владејачката партија „ќе ги интензивира активности со цел потребните реформи да бидат донесени брзо, за целиот рок на преговарање да заврши успешно и веќе до 2030 година да станеме полноправна земја членка на ЕУ“.
Од друга страна, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски побара владејачката партија да каже „кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ за нив е прифатлив, во спротивно нема потреба од понатамошни преговори и губење на време“.
„Првиот предлог кој го даде претседателот на ВМРО, Христијан Мицкоски е „Преодна влада без ДУИ, излегување на ДУИ од сите ешалони, и уставни измени кои би стапиле на сила само на денот на членството на Македонија во ЕУ. И таа би добиле како држава гаранција дека и Бугарија ќе биде активно заинтересирана за наше вклучување во ЕУ, и дека Македонија ќе добие одредена извесност дека нема да има понатамошни бугарски ирационални блокади“ рече Милошоски.
Тој посочи дека „вториот предлог кој што го даде ВМРО-ДПМНЕ е предвремени избори оваа есен, при што дадени се три датуми за кои што СДС би требало да размислат кога би се одржале во септември или октомври, потоа да се обезбедат гаранции од европските институции за заштита на националните интереси на Македонија, со тоа што ќе се гарантира многувековниот идентитет, но истовремено ќе се дадат и осигурувања дека државата повторно нема да ги има секоја година ирационалните блокади од Бугарија. Дополнително, после изборите новиот премиер на Македонија ќе побара и економски пакет за подобар стандард во државата од страна на Европската Комисија, кој што ќе значи припрема и на стопанството и на граѓаните за конкурентност во самата ЕУ. А, од Бугарија заради добрососедство би побарале исполнување на 3 пресуди од ЕСЧП во Стразбур кои што се веќе правосилни, по избор на официјална Софија. Така ќе докажеме дека кога говориме за добрососедство не говориме само за компромиси или концесии од страна на Македонија туку разговараме и за обврски кои што се меѓународно валидни и за Бугарија“.
„ДУИ не е повеќе во позиција да условува, тоа е став на ВМРО-ДПМНЕ, дека ДУИ треба да оди во опозиција и дека тоа ќе биде корисно за институциите и за довербата на граѓаните во државата. Високата корупција мора да се соочи со одговорност, а во рамките на ДУИ истата постои на големо“ порача тој.