Каевски: Партиски панаѓур на ВМРО-ДПМНЕ, отчет на градоначалници пред Мицкоски наместо пред граѓаните

„За оваа една година локална власт на ДПМНЕ граѓаните не видоа ниту еден нов капитален проект, ниту едно решение, ниту помош во време на криза. Но затоа секојдневно гледаат кавги за провизии и тендери, масовна партизација и расипничко трошење на народните пари во време на светска криза. Резултатот од една година локална власт на ВМРО ДПМНЕ се гледа во Скопје: целосен хаос во градот“ рече на денешната прес-конференција пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски.

Каевски посочи дека „наместо бесплатен превоз, нема превоз, наместо нови еколошки автобуси ниту тие што ги има не возат, заглавени, нефункционални јавни претпријатија и нула проекти. Затоа денеска, затворени и далеку од граѓаните, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ на партиски панаѓур ќе даваат отчет пред шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски. Не пред граѓаните, пред Мицкоски“.

„Денешниот партиски панаѓур на ВМРО-ДПМНЕ е само уште еден доказ дека градоначалниците од оваа партија не работат за интересите на граѓаните, туку за личните и бизнис интереси на Мицкоски. Мицкоски е шпицниот градоначалник на секоја општина предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој прави увиди, тој договара набавки, пред него, наместо пред граѓаните даваат отчет градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ“ рече тој.