Нашите организации заседаваа и решија да му дадат поддршка на актуелниот претседател Стево Пендаровски за нов мандат. Ќе следува конгрес на 3 март, па потоа ќе ги собереме и потребните потписи како потврда на кандидатурата, вели пратеникот и портпарол на СДСМ – Дарко Каевски на тв 24.
– Не би навлегувал во состојбите во другите партии, но очекувам дека кога ние ќе ги собираме потписите тоа ќе го сториме за еден ден. Можеби квалитетот на кандидатите ја отежнува постапката за собирање потписи на одредени партии, додава Каевски.
Каевски вели дека е добро да се покаже дека кандидатот поддржан од големите партии ја има и поддршката од граѓаните.
– Вистината не е валкана кампања. Јавноста треба да ги знае кандидатите и не смее веќе да гледаме лицемерие од опозицијата. А лицемерие има. Мицкоски велеше дека додека е жив нема да го признае Преспанскиот договор, а сега пак нивниот министер реагира зошто не се сменети на време документите со новото име на државата – вели Каевски додавајќи дека тоа покажува лицемерие кога партијата е на власт или во опозиција.
Тој вели дека СДСМ секогаш биле коректни во организирањето и водењето на изборните процедури што го покажува и барањето на ВМРО-ДПМНЕ да нема Пржинска влада.
– Не се согласувам дека СДСМ е поделена. Партијата е обединета и знае дека мора да дејствува заедно. Нашиот кандидат ќе биде новиот претседател, а СДСМ ќе ја формира новата влада. Што се однесува до Максим Димитриевски, тоа беше на локалните избори и беше порака од граѓаните која ја примивме – вели Каевски.