И Јотова се сретна со Кошта: Софија не попушта за промената на уставот

Бугарската претседателка вели дека до јуни, кога ќе има самит на ЕУ за Западен Балкан, ќе се знаело дали Македонија сака да биде членка на Унијата.

Македонија не може да се придвижи кон членството во ЕУ сѐ додека не се изврши промената на уставот и Бугарите не се внесат во него изјави претседателката на Бугарија, Илијана Јотова од Минхенската безбедносна конференција. Според неа, тоа не е само барање на Софија, туку одамна е и политика на Европската Унија.

Изјавата Јотова ја даде по нејзината средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Со Кошта се сретна и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој исто така е во Минхен. Според фотографиите средбите се во истата рустикална соба, па може да се претпостави дека Кошта бил во некаква умерена посредна мисија.

Во Минхен е и бугарскиот премиер Росен Жељасков. Тој беше и во Давос, каде престојуваше и Мицкоски, но тие немаа средба. Лани во Минхен се сретнаа двајцата министри за надворешни работи, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев, но таа средба не донесе ништо во приблиќување на разликите.

Јотова зборувајќи за средбата со Кошта рече дека во нејзиниот фокус биле прашањата поврзани со проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан, особено оние кои се однесуваат на евроинтегративниот пат на С Македонија.

Таа нагласи дека постоела загриженост во Софија поради информациите дека властите во Македонија се обидуваат да изнајдат алтернативен пат, односно, како што вели, да излобираат меѓу европските земји Скопје да го заобиколи првиот кластер од пристапните преговори, кој се однесува на фундаменталните вредности и од кој дел се прашањата за човековите права.

Според Јотова, не постои никаква шанса Бугарија да се согласи со таква промена.

„Нагласив дека имаме европска политика по ова прашање, имаме услови кои се исто така исти како и оние на европските институции. Додека нема промена во уставот на Република Северна Македонија и впишување на Бугарите таму, не може да има никакво придвижување“, рече таа.

Јотова наведе оти се надева дека до јуни, кога ќе се одржи следниот самит на ЕУ за Западен Балкан, ќе се најде решение за прашањето со Северна Македонија, доколку, како што рече, земјата сè уште сака да се приклучи на Унијата.

„Со г. Кошта на долго и на широко разговраваме за јуни кога ќе биде следната средба на врвот на ЕУ за Западен Балкан и до тогаш бугарските и напорите нашите европски партнери се дека треба да се најде некаква варијанта, ако, и тоа му го посочив неколку пати на г. Кошта, Република Северна Македонија сè уште сака да биде дел од Европската Унија“, изјави Јотова.

И кабинетот на Јотова информираше за средбата на претседателката со Кошта, само што соопштението за разговорите е покусо.

Македонскиот премиер за средбата со Кошта објави информација на Фејсбук.

Мицкоски соопшти дека на средбата јасно го пренел ставот дека Македонија останува постветена на европскиот пат, но и дека земјата заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања.