И Црна Гора „падна“ во Скопје: Македонските одбојкари на чекор до осминафинале

Пеколната атмосфера во Скопје придонесе да „падне“ и Црна Гора. Македонските одбојкари фуриозно со 3:0 во сетови (25:22 25:18 25:20) ја декласираа репрезентацијата на Црна Гора во рамките на Европското првенство (ЕП) во одбојка и се чекор поблиску до осминафиналето и нокаут фазата.

Во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, избраниците на селекторот Јошко Миленковски изиграа перфектен натпревар, речиси без грешки и со страотен блок и напад.

„Ова ни беше во планот, овие две победи а потоа рековме дека ќе уживаме на ова ЕП. Многу одработивме, посветивме внимание во ској аспект од нашата игра и мислам дека вроди со плод. Сакам да им се забалгодарам на убликата и прекрасниот амбиент поради кој имаме трема. Мислам дека не треба да застанеме тука. Утре имаме натпревар со едни од најдобрите во светот, тоа ќе биде магнет за публиката и уживање за нас. Натпреварот со Чешка ќе биде можноста за докажување и подобар резултат. Италија како предизвик е преголем бидејќи се светски и европски шампиони“, изјави селекторот Јошко Миленковски.

Очекувано најефикасен беше капитенот Никола Ѓоргиев со 20 поени, по него следува Александар Љафтов со 13 поени и изненадувањето на вечерта блокерот Филип Савовски со 12 поени и девет блока.