Министерството за земјоделство на Србија донесе наредба за забрана за увоз на домашни и диви овци и кози со цел да се спречи внесување, ширење, појава и сузбивање на заразната болест чума на мали преживари (ППР).
Во наредбата објавена на веб-страницата на ова Министерство, се наведува дека е забранет увозот и транспортот низ земјава, вклучувајќи месо, месни производи и млеко со потекло од овие животни, пишува Политика.
Забраната се однесува на пратки кои потекнуваат од земји во кои постои сомневање или потврда за оваа инфекција. Чумата на ситните преживари, како што соопштија од Ветеринарната управа, е сериозно заразно заболување кое ги погодува овците и козите, предизвикува висока температура, воспаление на слузницата на устата и носот, отежнато дишење и дијареа, а може да биде фатална, особено за невакцинирани животни.
Се шири преку директен контакт со заразени животни, преку контаминирана храна и вода, но и преку воздухот, а вирусот е многу заразен и може да се пренесе преку директен контакт со заразени животни, преку контаминирана храна, вода и секрет од респираторниот тракт.
Грчките власти вложуваат големи напори ситуацијата да ја држат под контрола, свесни дека доколку болеста ескалира може да биде загрозено производството на сирењето „фета“, кое на производителите, но и на државата им носи голем економски профит.
Регулативите на ЕУ наведуваат дека доколку се открие случај на болеста кај кое било стадо, тоа мора да се уништи и да се дезинфицираат погодените области, вклучително и фармите. Заразата предизвика огромна штета на сточарите во Грција и Романија, а Хрватска го забрани и увозот на преживари.